На почетокот од своето обраќање на форумот за Арктикот, рускиот претседател Владимир Путин упати неколку интересни коментари во врска со повторените изјави на Доналд Трамп за можноста за преземање на Гренланд од страна на САД.
Путин истакна дека овие амбиции не треба да се потценуваат и треба да се сфатат сериозно.
„Би било голема грешка да се мисли дека овие изјави се само ексцентрични ставови на новата американска администрација. Тие не се такви“, нагласи тој.
Тој потсети дека САД првпат предложиле слични планови во 1860-тите години, но тогашниот предлог за анексија на Гренланд и Исланд бил одбиен во Конгресот.
„Овие планови имаат длабоки историски корени и јасно е дека САД ќе продолжат да ги промовираат своите геополитички, воени и економски интереси во Арктикот. Што се однесува до Гренланд, сметам дека тоа е прашање што ги засега само двете држави и нема никаква врска со нас“, изјави Путин.
„Сепак, ние сме загрижени поради фактот што земјите од НАТО се повеќе го гледаат Далечниот Север како потенцијално поле за конфликт“, заклучи рускиот претседател.