Европските безбедносни служби сè повеќе го насочуваат вниманието кон нов модел на наводни руски операции, во кои наместо професионални разузнавачи се користат локални посредници, ситни криминалци и обични граѓани регрутирани преку интернет.
Темата повторно се најде во фокусот по инцидентот на аеродромот во Лајпциг, каде на почетокот на август беше откриен дрон со експлозивна направа во близина на украински товарни авиони. Направата не експлодирала, а германските власти подоцна соопштија дека индициите од истрагата упатуваат кон можна руска вмешаност.
Москва категорично ги отфрла ваквите обвинувања и тврди дека станува збор за политички мотивирани обвинувања без докази.
Случајот во Лајпциг, сепак, се разгледува во поширок контекст на пожари, експлозии, сомнителни летови на дронови и инциденти на критична инфраструктура регистрирани во повеќе европски земји.
Експертот Јулијан Павлак од Германскиот институт за меѓународна и безбедносна политика предупредува дека мора да се биде внимателен при утврдувањето на одговорноста за секој поединечен случај. Сепак, според него, може да се забележи одреден образец – чести цели се железничката инфраструктура, енергетските системи, товарните центри и другите важни логистички коридори.
Посебно внимание привлекува начинот на кој наводно се регрутираат извршителите.
Според проценки на западни разузнавачки служби пренесени од британски „Телеграф“, руската воена разузнавачка служба ГРУ сè повеќе се потпира на локални лица кои за паричен надомест прифаќаат конкретни задачи.
„Криминалци од понизок ранг и приватни лица се регрутираат преку интернет и се плаќаат по задача, додека некои од нив можеби дури и не знаат за кого всушност работат“, објаснува Павлак.
Ваквиот модел овозможува релативно евтини операции и создава дополнителен слој меѓу организаторите и непосредните извршители. Истовремено, користењето неискусни лица го зголемува ризикот од грешки и непредвидливи последици, особено доколку се употребуваат експлозивни направи.
Како особено ранливи се посочуваат железничката и енергетската инфраструктура. Станува збор за огромни и географски распространети системи кои е практично невозможно целосно физички да се обезбедат.
Во европскиот безбедносен фокус е и таканаречената руска „флота во сенка“ – мрежа од бродови што се поврзува со заобиколување на западните санкции при извозот на руска нафта. Дел од европските експерти предупредуваат дека одредени бродови се разгледуваат и во контекст на разузнавачки активности и надзор на подморската инфраструктура, иако одговорноста за конкретни инциденти мора да се утврдува одделно.
Европската Унија веќе воведе санкции за голем број бродови што ги поврзува со руската „флота во сенка“, додека безбедносните служби продолжуваат да истражуваат дали низ Европа навистина се спроведува поширока и координирана кампања.
Москва, од своја страна, продолжува да негира дека стои зад ваквите саботажни активности.







