ПРВ.мк
Свет

„РАЈАНЕР“ ГО ПРЕКИНА МОЛК ПО ХАОСОТ ВО АВИОНОТ: Ќе добие ли отштета српскиот патник кој беше повреден на летот од Солун?

„РАЈАНЕР“ ГО ПРЕКИНА МОЛК ПО ХАОСОТ ВО АВИОНОТ: Ќе добие ли отштета српскиот патник кој беше повреден на летот од Солун?

Авиокомпанијата „Рајанер“ за прв пат официјално се огласи по инцидентот на летот од Солун до германскиот град Меминген, при кој беше повреден 61-годишниот српски државјанин Љубиша Каровиќ. Компанијата соопшти дека е во контакт со семејството на патникот, но сè уште не даде конкретен одговор дали ќе биде исплатена финансиска отштета.

Инцидентот се случил на почетокот на јули, кога авионот на „Рајанер“ морал да се врати назад на аеродромот во Солун поради сериозен проблем со моторот. Според семејството на повредениот патник, поради дефектот дошло до оштетување во близина на неговото седиште, при што дел од авионот удрил во прозорецот.

Сопругата на Каровиќ, Светлана Грковиќ, претходно раскажа дека во моментите на паника таа го држела својот сопруг за да не падне, а во тоа ѝ помогнале и уште двајца патници кои се нашле во близина.

Главниот финансиски директор на „Рајанер“, Нил Сорахан, изјави дека тимот за грижа за патници активно комуницира со семејството на повредениот.

„Нашиот тим за грижа за патниците е активно во контакт со семејството по инцидентот. Екипажот заврши феноменална работа и безбедно го врати авионот во Солун. Сите патници се симнаа, а кабинскиот екипаж и пилотите завршија одлична работа“, изјави Сорахан.

На прашањето дали компанијата планира да исплати отштета на повредениот патник и неговото семејство, тој одговорил дека е прерано да се зборува за такви прашања додека трае официјалната истрага.

Во меѓувреме, Националниот одбор за безбедност во сообраќајот на САД (NTSB) најави дека ќе ја води истрагата за случајот, кој се случил во авион „Боинг 737“ управуван од подружницата на „Рајанер“, „Малта Ер“.

Од компанијата велат дека целосно соработуваат со истражителите и дека обезбедуваат целосна поддршка во процесот на утврдување на причините за инцидентот.

„Ја поздравуваме одлуката NTSB да ја води истрагата. Тие ќе спроведат целосна и независна истрага, а ние целосно соработуваме и имаме луѓе на терен кои ја обезбедуваат целата потребна помош“, рече Сорахан.

И покрај случката, „Рајанер“ уверува дека нивната флота останува безбедна и дека авиокомпанијата работи според највисоките европски стандарди за воздухопловство.

Сорахан нагласи дека ниту американската Федерална администрација за воздухопловство (FAA), ниту Европската агенција за безбедност на воздухопловството (EASA) не побарале промени во оперативното работење по овој инцидент.

„Боинг 737“ авионите, според него, имаат реализирано стотици милиони летови ширум светот, редовно се одржуваат и ги управуваат високообучени екипажи.

Додека истрагата продолжува, останува отворено прашањето за одговорноста и евентуалната компензација за Љубиша Каровиќ, кој по принудното враќање на авионот бил пренесен во болница, а грчките власти започнаа проверка за да ги утврдат сите детали околу дефектот и оштетувањето на авионот.