Рускиот претседател Владимир Путин испрати специјален претставник, Кирил Дмитриев, во Соединетите Американски Држави за директни разговори со претставници на администрацијата на Доналд Трамп. Медиумите денес објавија дека Дмитриев веќе одржал први средби и се очекува дополнителни разговори за билатералните односи меѓу Русија и САД.
Според CNN, Дмитриев има за цел да „продолжи со дискусиите за односите меѓу двете земји“ и да ги разгледа последиците од санкциите што Трамп ги воведе кон руските компании. Извори блиски до администрацијата наведуваат дека средбата е дел од обидите за смирување на тензиите пред најавениот билатерален состанок.
Порталот Axios објави дека утре Дмитриев ќе се сретне со специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, во Мајами. Новите санкции се однесуваат на две од најголемите руски нафтени компании, воведени од Трамп со цел да се зголеми притисокот врз Путин да го запре конфликтот во Украина.
Минатата недела претседателот Трамп имаше телефонски разговор со Путин, при што двајцата лидери изразија интерес за директна средба. Сепак, планираниот состанок беше одложен, а сегашните разговори преку Дмитриев се сметаат за подготовка за понатамошни дипломатски контакти.
Не дознавај последен- читај ПРВ.мк














