Во четвртокот навечер, виенската населба Отакринг беше потресена од вооружен напад во кој едно лице загина, а друго е тешко повредено и се наоѓа во критична состојба. Напаѓачот и неговиот соучесник се во бегство, а полицијата спроведува широка акција за нивно пронаоѓање, пренесе австрискиот Kronen Zeitung.
Според првичните информации, инцидентот започнал како расправија меѓу неколку мажи во турски ресторан на улицата Пајергасе, околу 21:45 часот. Во еден момент, еден од присутните извадил пиштол и испукал неколку куршуми кон останатите.
Жртвите, двајца мажи со чеченско потекло, биле погодени – едниот починал на самото место, најверојатно од прострелна рана во стомакот, а другиот бил хоспитализиран со тешки повреди опасни по живот.
Мотивот зад нападот сè уште не е познат. Познаници на жртвите изјавиле дека осомничениот можеби има српско потекло, но истражителите во моментов веруваат дека се работи за австриски државјанин со мигрантско потекло. Случајот го презеде виенската криминалистичка полиција, која работи на идентификација на напаѓачите.
По пукањето, полицијата блокирала поголем дел од квартот, а потрагата по сторителите траела до доцна во ноќта. Жителите на Виена биле предупредени да избегнуваат движење во областа.
Овој инцидент доаѓа само еден ден по друг напад во истиот кварт, кога 54-годишен сопственик на локал бил нападнат и повреден од група млади мажи.
Серијата насилства во Отакринг предизвика загриженост кај жителите и властите, кои најавуваат засилено полициско присуство и построги мерки за безбедност во областа.















