Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека украинските власти се обиделе да ја нарушат прославата на Денот на победата во Москва на 9 мај, но дека руската противвоздушна одбрана била ефикасна во спречувањето на овие напади. Тој нагласи дека изјавите на украинскиот претседател, Володимир Зеленски, во пресрет на прославата, биле на границата на лудоста.
Песков посочи дека Зеленски изјавил дека Украина не може да гарантира безбедност за странските лидери кои ќе присуствуваат на парадата, што тој го оцени како невидено провокативно. Тој додаде дека вакви изјави на ниво на шефови на држави претставуваат манифестација на државен тероризам.
Иако Кремљ не потврдува официјално кои странски лидери присуствувале на прославата, претходно беше објавено дека на 80-годишнината од победата во Втората светска војна присуствувале бројни странски лидери, меѓу кои и претседателите на Србија, Кина, Венецуела, Бразил, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Узбекистан и Таџикистан.