Турските власти спроведоа серија координирани акции против кибер криминал, во кои во последните 10 дена биле приведени вкупно 429 осомничени. Информацијата ја соопшти министерот за внатрешни работи Али Јерликаја преку објава на платформата Икс.
Според деталите што ги објави, 354 лица биле уапсени во рации изведени во 35 провинции низ земјата, додека дополнителни 75 осомничени биле приведени вчера наутро во специјализирана операција која паралелно се одвивала во Истанбул и уште 14 провинции.
За време на овие акции, властите заплениле огромна количина имот и средства поврзани со незаконски активности: 16 компании, 13 домови, 37 автомобили, осум мотоцикли, 14 станови, седум продавници, 13 парцели, 447 банкарски сметки, како и значителна количина накит и вредни предмети. Вкупната вредност на запленетото, според министерот, ја надминува сумата од 1,05 милијарди турски лири, што е околу 20,3 милиони евра.
Јерликаја нагласил дека овие операции спречиле масовни финансиски и емоционални штети кај граѓаните, бидејќи осомничените се поврзуваат со сериозни форми на кибер криминал – од дистрибуција на детска порнографија до разни онлајн измами и поттикнување нелегално коцкање.
Осомничените, меѓу другото, се товарат за поседување материјали со сексуална експлоатација на деца, како и за организирање сложени измамнички шеми преку социјални мрежи и лажни веб-страници кои нуделе резервирање хотелски соби, продажба на недвижнини или кредити со „ниска камата“. Властите најавуваат дека истрагите продолжуваат со цел целосно да се расклопат групите што стојат зад овие активности.
















