Водечки здравствени експерти предупредуваат дека САД се наоѓаат на работ на нова пандемија, бидејќи птичјиот грип се шири неконтролирано низ американските фарми.
Сојот H5N1 досега зафати речиси 1.000 стада млечни крави, а потврдени се и над 70 случаи на инфекција кај луѓе, вклучувајќи го и првиот смртен случај.
Американската живинарска индустрија е под сериозна закана – особено во регионите каде фармите се густо населени, а биосигурносните мерки и заштитната опрема се недоволни, предупредуваат експертите од Глобалната вирусна мрежа (GVN).
Од 2022 година досега, во САД поради птичјиот грип угинале или биле присилно уништени повеќе од 168 милиони парчиња живина, што доведе до драматичен пораст на цените на јајцата.
Иако сè уште не е забележан пренос од човек на човек, научниците предупредуваат дека мутации и генетски рекомбинации – кои настануваат кога два различни вируси истовремено го инфицираат истиот домаќин и разменуваат генетски материјал – можат да го зголемат ризикот од таков пренос.
Како што пренесува „Дејли мејл“, GVN ги повикува владите ширум светот сериозно да ја сфатат заканата од вирусот H5N1, да ги зајакнат механизмите за надзор и да воведат построги биосигурносни протоколи.
Организацијата исто така нагласува дека државите мора да бидат подготвени за можен пренос од човек на човек, со цел да се избегне сценарио слично на хаосот од почетокот на пандемијата со коронавирусот.
„Иницијативите треба да се насочат кон зајакнување на биосигурносните мерки во земјоделството, како и едукација на јавноста за безбедно ракување со живински производи и ризиците од контакт со заразени животни“, истакна д-р Питер Палезе, директор на GVN и водечки експерт за птичји грип.
Првиот смртен случај од птичји грип во САД беше забележан во јануари, кога лице постаро од 65 години, кое веќе имало здравствени проблеми, почина во државата Луизијана поради тешки респираторни симптоми. Лицето било во директен контакт со болни и угинати птици во сопствениот двор.
Генетската анализа на вирусот откри дека истиот мутирал додека бил во човечкото тело, што веројатно ја влошило клиничката слика. Од март 2024 година досега, пријавени се 70 потврдени случаи на птичји грип кај луѓе во САД, но најголем дел од нив биле со лесна симптоматологија и се појавиле кај фармери кои биле директно изложени на заразена живина или говеда.