Воздушниот сообраќај во САД е во вистински колапс – повеќе од 8.000 летови беа одложени во неделата, откако контролорите на летање почнаа масовно да отсуствуваат од работа поради финансискиот застој во владата. Штрајкот се случува во момент кога буџетската блокада влезе во својот 26-ти ден, оставајќи илјадници вработени без плата.
Министерот за транспорт, Шон Дафи, потврди дека Федералната администрација за воздухопловство се соочува со сериозен недостиг на персонал на 22 локации низ земјата, а ситуацијата се очекува дополнително да се влоши во следните денови.
Според податоците на веб-страницата FlightAware, бројот на одложени летови достигна рекордни 8.000 до неделата вечер, што е драстично зголемување во однос на саботата, кога беа регистрирани околу 5.300 одложувања.
Причината е што околу 13.000 контролори на летање и над 50.000 вработени во Администрацијата за безбедност на транспортот моментално работат без никаква плата. Многумина од нив се приморани да бараат дополнителна работа за да преживеат, додека притисокот врз владата расте секој ден.
Федералната администрација веќе се соочува со недостиг од 3.500 контролори, кои и пред кризата работеа прекувремено и до шест дена неделно. Претседателот Доналд Трамп предупреди дека доколку состојбата не се реши, хаосот во воздушниот сообраќај ќе се зголеми, а граѓаните на САД ќе ги почувствуваат последиците на секој аеродром во земјата.













