Поранешниот директор за комуникации на Белата куќа, Ентони Скарамучи, откри необични детали за препознатливиот тен на американскиот претседател Доналд Трамп, тврдејќи дека тој редовно користи портокалов бронзер.
Скарамучи, кој во Белата куќа на оваа функција помина само 11 дена, во интервју за „The Times“ изјави дека неговата мајка, која работела како шминкерка, воопшто не била воодушевена од начинот на кој Трамп се шминка.
Тој тврди дека Трамп користи портокалов бронзер што го набавува од продавница во Бронкс и дека без него изгледа сосема поинаку. Скарамучи направил и необична споредба, велејќи дека без шминка неговиот тен наликува на бојата на отворена конзерва „Spam“, познатиот американски месен нарезок.
Според него, Трамп го нанесува средството за самопотемнување секое утро, а понекогаш повторно го користи и навечер.
За специфичната портокалова нијанса на лицето на Трамп се зборува со години. Самиот Трамп во 2019 година понуди поинакво објаснување, тврдејќи дека виновно е осветлувањето.
Тој тогаш изјави дека штедливите светилки создаваат лошо светло поради кое на фотографии и снимки изгледа портокалово.
Скарамучи му се приклучи на тимот на Трамп за време на претседателската кампања во 2016 година, а во јули 2017 година беше назначен за директор за комуникации на Белата куќа. На позицијата остана само 11 дена пред да биде разрешен.
По заминувањето од администрацијата, тој стана политички коментатор и со текот на времето се претвори во еден од почестите јавни критичари на Трамп.







