ПРВ.мк
Свет

ПОМАЛКУ НАФТА ПОСКАПИ ЛЕТОВИ: Авиокомпаниите се соочуваат со најголема криза по пандемијата!

ПОМАЛКУ НАФТА ПОСКАПИ ЛЕТОВИ: Авиокомпаниите се соочуваат со најголема криза по пандемијата!

Затворањето на Ормутскиот теснец поради војната меѓу САД, Израел и Иран драматично го преполови глобалното снабдување со нафта, а авиокомпаниите се најдоа пред криза што може трајно да ја преобликува индустријата.

Цените на млазното гориво скокнаа од околу 96 долари за барел во февруари на 197 долари до 20 март – повеќе од двојно за само еден месец. За споредба, дури и во време на војната во Украина во 2022 година, горивото не достигна такви врвови.

Скокот веднаш се одрази на оперативните трошоци: полнење на авион Боинг 737-800 кое во февруари чинеше околу 17.000 долари, седум дена подоцна чинише повеќе од 27.000 долари. Дваесетте најголеми авиокомпании изгубија околу 53 милијарди долари пазарна вредност од почетокот на конфликтот, додека пред војната се очекуваше индустријата да оствари рекордна добивка од 41 милијарда долари оваа година.

Извршниот директор на „Јунајтед ерлајнс“, Скот Кирби, најави откажување на околу пет проценти од летовите поради растот на трошоците, предупредувајќи дека, доколку цените продолжат да растат, годишните трошоци на компанијата ќе се зголемат за милијарди долари.

Аналитичарите предупредуваат дека авиокомпаниите се соочуваат со „егзистенцијален предизвик“. Трошоците за гориво ги туркаат цените на билетите нагоре, што ја намалува побарувачката, создавајќи „совршена бура“ за индустријата. Во најлош сценарио, некои авиокомпании би можеле да ги приземјат авионите или целосно да го сопрат работењето.

Недостигот на гориво веќе се шири од Азија кон Европа, предупреди Патрик Пујане, извршен директор на TotalEnergies, со потенцијал за „многу драматични последици“ доколку конфликтот продолжи.

За европските патници, летното патување може да значи поскапи билети – аналитичката компанија OAG веќе регистрира зголемување од 24% во првите два месеци од 2026 година, со дополнителни 10–20% на популарните рути.

Европските држави се обидуваат да ги ублажат ефектите преку намалување на даноци или фиксирање на цените, додека ЕУ разгледува долгорочни мерки за енергетската криза, вклучувајќи ограничувања на цените и поттикнување на помалку летови.

Авиоиндустријата има преживеано кризи од 1970-тите, 11 септември и пандемијата во 2020 година, но оваа ситуација е посложена: ограничени рути, оскудно гориво и растечки трошоци ја туркаат индустријата на работ на неизвесноста.

За патниците, пораката е јасна: летовите ќе бидат поскапи, побројни откажувања се можни, а крајот на кризата сè уште не се гледа.