ПРВ.мк
Свет

Полицијата откри огромна количина дрога: 400 килограми хашиш пронајдени во куќа, има уапсени

Полицијата откри огромна количина дрога: 400 килограми хашиш пронајдени во куќа, има уапсени

Либиските безбедносни служби заплениле околу 400 килограми хашиш, чија проценета вредност изнесува приближно 835.000 евра, во голема полициска операција во близина на градот Тобрук, на истокот на земјата.

Според информациите што ги пренесува „Ројтерс“, во акцијата биле приведени повеќе осомничени лица, а дрогата била откриена во куќа во земјоделска област југоисточно од градот.

Претставникот на либиската Агенција за борба против дрога, Ахмед ал Мисмари, изјавил дека операцијата била спроведена во саботата.

Првичната истрага покажала дека дрогата била прошверцувана преку границата со Египет, а била наменета за продажба и дистрибуција на либискиот пазар.

Меѓу приведените има државјани на Либија и Египет, но точниот број на уапсени засега не е потврден.

На фотографиите објавени од полицијата се гледаат големи количества хашиш спакувани во црни и златни пакувања.

Во одделна операција, спроведена истиот ден во градот Куфра, припадници на Либиската национална армија заплениле повеќе од 1,3 милиони таблети со наркотични супстанции.

За време на оваа акција дошло до вооружена престрелка со шверцери, при што биле повредени тројца војници.

Либија во изминатите години стана значајна транзитна рута за шверц на наркотици, особено по политичката нестабилност и вооружените конфликти што започнаа во 2011 година, по соборувањето на Моамер Гадафи.

Надлежните продолжуваат со истрагите за утврдување на сите лица поврзани со криминалните мрежи.