34-годишниот Џон Дентон од Велика Британија решил да отпатува во Турција за да ги среди забите оштетени во тешка сообраќајна несреќа, надевајќи се дека таму ќе добие поквалитетен и значително поевтин третман. Наместо нова насмевка, вели дека се соочил со сериозни компликации.
Бидејќи стоматолошката интервенција во Велика Британија чинела околу 30.000 фунти, тој избрал клиника во Турција каде што за околу 3.500 фунти, односно приближно 4.100 евра, му биле поставени 14 забни импланти и привремени заби.
Според неговото сведоштво, првично бил задоволен од резултатот, но по враќањето дома започнале силни болки. Наскоро привремените долни заби му испаднале, а дополнително развил инфекција и чувствителност што му го отежнувала дури и одржувањето на основната орална хигиена.
Поради влошената состојба повторно отпатувал во Турција. Тој тврди дека за време на интервенција, додека бил под седација, стоматологот ги отстранил сите импланти бидејќи, наводно, не биле успешно прифатени од организмот.
„Кога се разбудив, немав ниту еден заб. Бев во шок“, изјавил Дентон, додавајќи дека поради случувањата со денови не сакал да излегува од дома.
Тој вели дека денес има сериозни потешкотии со исхраната и дека целата ситуација негативно се одразила врз неговиот приватен и професионален живот. Од клиниката, според неговите тврдења, му понудиле или да плати за нова протеза или да прифати делумен поврат на средствата, а тој ја избрал втората опција.
Сега повторно собира пари за да може да го продолжи стоматолошкото лекување, признавајќи дека најмногу жали што се одлучил на третман во странство.







