Научниците предупредуваат на сериозна опасност од големо уривање на карпеста маса на планината Хохфогел, која се наоѓа на границата меѓу Германија и Австрија.
Според проценките, дури 400.000 кубни метри карпи би можеле да се одвојат од планината и да се урнат по нејзините падини.
Планината, висока 2.592 метри, со децении е предмет на геолошки истражувања поради големата пукнатина која постојано се проширува.
Пукнатината постои уште од 19 век. Некогаш била широка приближно колку човечки рамена, а денес на одредени места достигнува ширина од неколку метри.
Главната пукнатина е долга околу 35 метри, широка до шест метри и длабока приближно 60 метри.
Во јуни годинава од планината веќе се одвоиле околу 2.000 кубни метри карпи, што дополнително ја зголемило загриженоста на истражувачите.
Научниците ја следат состојбата веќе 12 години, а од 2018 година користат повеќе од 30 специјални сензори за мерење на движењето на карпите.
Оваа пролет било забележано поместување од дури пет милиметри неделно, што претставува значително забрзување во геолошки размери.
Експертите предупредуваат дека обилните дождови, силните невремиња и топењето на снегот можат дополнително да ја забрзаат нестабилноста на карпестата маса.
Особено внимание се посветува на новата пукнатина на југозападниот гребен, која се смета за критична точка.
Пристапот до Хохфогел од австриската страна е затворен подолго време, додека искачувањето од германската страна засега е дозволено.
Научниците се надеваат дека системите за рано предупредување ќе овозможат навремено затворање на опасните подрачја.
Сепак, тие нагласуваат дека не може прецизно да се предвиди кога би се случило големото уривање, бидејќи критичните промени можат да настапат за само неколку часа или денови.







