Грција се соочува со силен топлотен бран, а особено тешка е ситуацијата во Атика и поширокото подрачје на Атина, каде што високите температури не попуштаат ниту во текот на ноќта.
Според податоците на метеоролошката служба „Метео“ при Националната опсерваторија во Атина, во доцните вечерни часови во повеќе делови од Атика биле измерени температури од 32 до 33 степени Целзиусови.
Дополнителен проблем претставува високата влажност на воздухот, која создава силна спарина и придонесува жештината да се чувствува уште поинтензивно.
Податоците покажуваат дека во 23:45 часот на повеќе локации во поширокиот регион на грчката престолнина температурата сè уште била над 30 степени.
Црвен код поради опасност од пожари
Според прогнозите, топлотниот бран ќе продолжи и во наредните денови, а екстремно високите температури дополнително ја зголемуваат опасноста од избувнување пожари.
Поради тоа, Атика и уште 11 региони во Грција се ставени во состојба на мобилизација – „Red Code“, односно црвен код.
Предупредувањето опфаќа делови од централна Грција и Евија, Кикладските Острови, како и островите во северниот дел на Егејското Море.
Од грчкото Министерство за климатска криза и цивилна заштита соопштија дека при активирање на црвениот код, националниот механизам се става во целосна готовност, со распоредување на потребниот персонал, опрема и други ресурси за справување со евентуални вонредни ситуации.







