Граѓаните на над шеесет земји, меѓу кои и Северна Македонија, наскоро ќе мора да плаќаат 20 евра за да влезат во земјите од Европската Унија, откако од крајот на 2026 година ќе стартува новиот систем ETIAS (European Travel Information and Authorization System).
Овој електронски систем за одобрение на патување е дел од стратегијата на ЕУ за дигитална контрола на границите и подобра заштита од безбедносни и здравствени ризици.
Билетот за безвизна Европа, како што го нарекуваат, првично требаше да чини 7 евра, но Европската комисија потврди дека новата цена ќе изнесува 20 евра, со објаснување дека се потребни средства за долгорочно одржување на системот.
Процедурата останува едноставна: Секој патник ќе треба да пополни онлајн формулар со лични податоци, број на пасош и безбедносни прашања. Одобрението пристигнува во рок од неколку минути (во најголем дел од случаите), важи три години или до истекот на пасошот.
Кој не плаќа? Освободени од таксата се децата под 18 години, лицата над 70, членови на семејства на граѓани на ЕУ и одредени дипломати. Но и тие ќе мора да поседуваат важечко ETIAS.
Каде ќе се применува? Новиот документ ќе се проверува уште при чекирање за превоз (авион, автобус, воз, брод), а ќе го скенира и граничната полиција при влез во Шенген-зоната, вклучувајќи ја и Хрватска, но и во Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн, Бугарија, Романија и Кипар кога системот целосно ќе профункционира.
Очекувањата се ETIAS да биде целосно оперативен од последниот квартал на 2026 година, откако ќе биде одобрен од Европскиот парламент и Советот на ЕУ.
Патниците ќе мора да го имаат документот пред да тргнат на пат, бидејќи без него нема да им биде дозволено да се качат во превозното средство.