ПРВ.мк
Свет

Паника: Огромен кратер пред државна болница – евакуирани 3.500 пациенти (ВИДЕО)

Паника: Огромен кратер пред државна болница – евакуирани 3.500 пациенти (ВИДЕО)

Во главниот град на Тајланд, Бангкок, утрово се отвори масивна провалија пред државната болница „Вајра“, предизвикувајќи хаос и страв кај граѓаните. Коловозот се урна, оставајќи дупка широка околу 30 метри и длабока цели 50 метри. За среќа, засега нема пријавени повредени лица, јавува „Бангкок пост“.

Поради големиот ризик, сообраќајот во овој дел на градот е целосно блокиран, а болницата беше приморана привремено да ги прекине амбулантските услуги. Од околината беа евакуирани околу 3.500 пациенти, како и станарите од соседните згради, иако засега нема видливи оштетувања на болничките објекти.

Во огромниот кратер паднало едно полициско возило, како и два електрични столба. Причините за колапсот се сè уште предмет на истрага, но гувернерот на Бангкок, Чадчарт Ситипунт, кој веднаш пристигнал на местото, потврди дека пропаѓањето се случило токму над подземната железничка станица, на спојот меѓу тунелот и перонот. Според него, земјиштето пропаднало во тунелот, што довело до уривање на околните структури и до пукање на главна водоводна цевка.

Како итна мерка, властите го исклучија снабдувањето со вода и електрична енергија за да се спречат дополнителни катастрофи. Експертски тимови моментално ја проверуваат стабилноста на соседните објекти и ја следат состојбата на земјиштето, додека сообраќајот е пренасочен кон алтернативни правци.

Амбулантските услуги во болницата ќе бидат суспендирани два дена, а пациентите на хоспитализација ќе продолжат да добиваат медицинска нега. За останатите граѓани, властите обезбедија пренасочување кон други болници под нивна надлежност.

Овој несекојдневен инцидент предизвика сериозни прашања околу безбедноста на инфраструктурата во Бангкок и можните ризици кои ги носи интензивната урбана изградба над подземната железница.

Видео:

Escape