Ситуацијата околу евакуираните патници од крузерот „Ем-Ви Хондиус“ станува сè посериозна, откако здравствените власти потврдија нов случај на хантавирус, а дел од патниците веќе се ставени под строг медицински надзор и изолација.
Американските здравствени служби соопштија дека еден од 17-те американски патници бил тестиран позитивно на хантавирус. Засега, според официјалните информации, лицето нема симптоми, но останува под внимателно следење.
Дополнителна загриженост предизвикал и случајот со француски државјанин кој развил симптоми за време на летот кон дома. По инцидентот, останатите патници што патувале со него веднаш биле ставени во строга изолација додека траат проверките и тестирањата.
Францускиот премиер Себастијан Лекорни изјавил дека уште четворица патници ќе бидат тестирани во наредниот период поради можен ризик од зараза.
Во меѓувреме, јапонското Министерство за надворешни работи информирало дека јапонски државјанин, кој бил меѓу патниците на крузерот, пристигнал во Велика Британија со специјален чартер-лет организиран од британските власти. Тој ќе остане под здравствен надзор до 45 дена.
Британските власти најавија строги мерки за сите патници кои пристигнуваат од бродот. Според планот, тие најпрво ќе поминат 72 часа во болнички карантин, по што ќе следуваат шест недели самоизолација.
Според холандското Министерство за надворешни работи, на крузерот имало 26 патници од различни земји, меѓу кои осум холандски државјани, како и патници од Индија, Германија, Аргентина, Белгија, Грција, Португалија, Украина, Гватемала, Филипини и Црна Гора.
Од почетокот на епидемијата, според информациите, починале три лица, додека петмина патници кои претходно го напуштиле бродот биле заразени со хантавирус.
Хантавирусот најчесто се пренесува преку контакт со урина, плунка или измет од заразени глодари. Иако ретко, експертите предупредуваат дека во одредени случаи е можна и преносливост меѓу луѓе.
Симптомите може да се појават во период од една до осум недели по изложеноста на вирусот, што дополнително ги загрижува здравствените власти кои внимателно ја следат состојбата.







