Шпанската Цивилна гарда денеска ги објави првите резултати од истрагата за трагичната несреќа во која животот го загубија Диого Жота, ѕвездата на Ливерпул, и неговиот брат Андре Силва, фудбалер на Пенафиел.
Според нивните наоди, големата брзина на луксузниот автомобил „Ламборџини Хуракан“ била клучниот фактор што довел до излетување од патот и фатално запалување на возилото. Истражителите дополнително ќе анализираат и трагите од тркалата, но веќе е јасно дека автомобилот возел значително над дозволеното на тој дел од автопатот во покраината Замора, северозападна Шпанија.
Несреќата се случила во ноќта меѓу 2 и 3 јули, а според првичните информации, Жота бил зад воланот. Тој и неговиот 25-годишен брат починале на лице место, пред да пристигнат итните служби.
Автомобилот, кој бил изнајмен, по излетувањето се запалил, што ја отежнало и идентификацијата.
Трагедијата добива уште потрагичен карактер бидејќи Жота се оженил само десет дена пред несреќата, оставајќи зад себе сопруга и три мали деца.
Диого Жота и Андре Силва беа погребани во саботата во нивниот роден град Гондомар, во близина на Порто, а илјадници фанови, пријатели и фудбалери дојдоа да им оддадат последна почит.