Орбан: Влезот на Украина во ЕУ е економско самоубиство за Европа
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека влезот на Украина во Европската унија би претставувал „економско самоубиство“ за Европа и истакна дека Унгарија не го поддржува ниту процесот, ниту евентуална забрзана процедура за членство.
Тој ги критикуваше европските лидери, особено Европската народна партија, за тоа што ја продолжуваат војната, ги одржуваат санкциите против Русија и настојуваат целосно да ја елиминираат руската енергија, без оглед на економските последици.
Орбан порача дека Унгарија се залага за постигнување мир, што би овозможило укинување на санкциите, намалување на цените на енергијата и економско закрепнување. Тој предупреди дека евентуалната забрана за увоз на руска енергија би предизвикала значително зголемување на трошоците, со што унгарските семејства би можеле да плаќаат двојно повисоки сметки за гас и струја.
Унгарскиот премиер нагласи дека неговата влада вложила големи напори за да ги одржи цените на енергијата меѓу најниските во Европа. Според него, греењето на просечно домаќинство во Унгарија чини меѓу 700 и 800 евра, додека во Словачка чини околу 1.350 евра, а во Полска до 2.400 евра.
Орбан додаде дека забраната за руска енергија би го чинела буџетот дополнителни 1,8 до 2,4 милијарди евра за набавка од други извори. Тој ги повика граѓаните да ја поддржат владината политика за заштита на ниските цени на енергенсите и да излезат на гласање на претстојните избори.