Македонија станува се поинтересна за инвеститорите. Турската компанија Cavo Otomotiv изрази сериозна подготвеност да отвори нова фабрика во индустриската зона во Скопје во вредност од 25 милиони евра, што ќе отвори 500 нови работни места. Cavo Otomotiv е мултинационална корпорација која работи во автомобилската индустрија, дизајнира и произведува безбедносни производи и разни механизми и оперативни кабли. Компанијата освен во Турција, моментално е присутна и во Канада, Германија и Словачка, а потенцијалната инвестиција во рамки на ТИРЗ ќе има клучно значење како за Македонија, така и за Европа.
Намерата за вложување беше потврдена на средбата меѓу првиот човек на Otomotiv, Кемал Амануел, со директорот на ДТИРЗ, Гоце Димовски.
Беа истакнати напорите и посветеноста на Дирекцијата за ТИРЗ како институција која активно работи за подобрување на условите за инвестирање во соработка со Владата и сите засегнати страни, соопштија од ТИРЗ
Претходно беше објавено дека турската Џагатај Кабло ќе ги прошири постоечките капацитети во Бунарџик, а со тоа ќе отвори 200 работни места и ќе се вложат 6 милиони евра во нов објект од 10 илјади квадратни метри.
Последниве неколку недели и други странски инвеститори најавија нови капацитети или проширување на постоечките. Меѓу нив се американски „Алкараз“, турски „Казанџи холдинг“, француски „Акуо“.
Најавен е и влез на нова компанија која ќе произведува бела техника во Скопје, целосно наменета за извоз. Се очекува да бидат отворени уште 200 работни места.
Минатиот месец во штипската зона започна со работа канадска „Магна“, фабрика која ќе вработи до 500 луѓе кои ќе произведуваат електронски компоненти за автомобилската индустрија.
Според последните податоци на Народната Банка минатата година завршила со рекордно нивно на странски инвестиции од 1 милијарда и 250 милиони евра. Последниот квартал бил најдобар кога вложувањата достигнале 400 милиони евра.
Власта најави политики за привлекување нов бран странски инвестиции кои треба да донесат и до 6 милијарди евра во Македонија. Односно, инвестицискиот циклус треба да опфати изградба и реконструкција на автопати, регионални и експресни патишта, железничка инфраструктура, изградба на пругата Табановце- Гевгелија која ќе е дел од Коридорот 10, болници во Штип и Кичево и реконструкција на клиничка болница во Тетово. Парите за ова според вицепрмиерот Николоски дел се обезбедени во Буџетот, а дел ќе бидат позајмени.