Јагленот од наоѓалиштето Живојно ќе придонесе кон намалување на увозот на јаглен од Грција и Косово и на електрична енергија од странство, намалување на цената на струјата и енергетска независност, согласни се екпертите со плановите на АД ЕСМ да го отвори рудникот Живојно.
Македонскиот енергетски сектор се наоѓа пред значајна пресвртница, растргнат меѓу долгогодишната зависност од фосилни горива и императивот за усогласување со глобалните трендови на одржлива енергетска транзиција, смета професорот Зоран Панов, шеф на Катедрата за површинска експлоатација на Природно-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“.
Тој нема дилеми дека покрај јасната стратешка насока кон интензивирање на употребата на обновливи извори на енергија и интеграција со регионалните и европските енергетски пазари, јагленот сè уште има важна улога како стабилен и достапен извор на базна енергија во тековниот период.

„Оваа ситуација ќе потрае сè додека не се создаде соодветна инфраструктура која ќе гарантира долгорочна зелена одржливост на енергетскиот систем. АД ЕСМ има дефинирана стратегија за постепено намалување на зависноста од увозен јаглен, кој се покажува како економски неповолен. Оваа цел може да се постигне преку активирање на домашните резерви, чие постоење е потврдено со детални геолошки истражувања. Во овој контекст, рудникот Живојно во моментов се наметнува како најбрзо и најекономично решение за обезбедување стабилно домашно производство на електрична енергија. Поради ова, од исклучителна важност е да се воспостави ефикасен институционален одговор кој ќе ги усогласи краткорочните енергетски приоритети со долгорочните цели за климатска одржливост“, вели Панов.
Според експертите, во моментов, нашата држава сè уште не располага со доволно развиена инфраструктура за производство на базна енергија од обновливи извори. Ова го прави јагленот привремено незаменлив елемент во националниот енергетски баланс.
Затоа, вели Панов, на експлоатацијата на домашниот јаглен од идниот рудник Живојново следните години треба да се гледа како на рационален и одговорен чекор во преодната фаза кон целосна зелена енергија. Овој пристап овозможува постепено намалување на зависноста од увоз и обезбедува енергетска стабилност во периодот додека земјата ги развива своите капацитети за обновливи извори на енергија.
Во АД ЕСМ проектот Живојно беше тема на работната средба помеѓу генералниот директор Лазо Узунчев и градоначалникот на Новаци Стевче Стевановски. Тие се согласиле дека увозот, односно набавката на јаглен како енергенс за потребите на термоелектраните „Битола“ на краток и на среден рок е неодржливо решение со оглед дека и до 200 камиони дневно натоварени со овој енергенс транзитираат преку патната инфраструктурата на Општина Новаци. Во тој контекст тие споделија став дека најоптимално решение за ослободување од зависноста од увезениот јаглен е искористување на потенцијалите од локалитетот Живојно кој во преодниот период кон енергетска транзиција може да биде клучен за целосна независност на АД ЕСМ во обезбедувањето на погонско гориво за термоблоковите.
„Во перспектива, тоа ќе придонесе кон енергетската независност, намалување на цената на електричната енергија, минимизирање на увозот на електрична енергија и зајакнување на финансиската стабилност на АД ЕСМ која ќе обезбеди средства за нови инвестиции во обновливи извори и во паметни еколошки решенија за заштита на животната средина“, подвлекоа од ЕСМ.