ПРВ.мк
Свет

ОРБАН: „Без Америка сте никој и ништо“

ОРБАН: „Без Америка сте никој и ништо“
Kristal

Унгарскиот премиер Виктор Орбан повторно ја потресе Европа со нова, остро формулирана изјава. Според него, Европската Унија се движи кон историски ќорсокак – и тоа поради, како што вели, „заблудата“ дека можат да продолжат да ја финансираат Украина без поддршка од САД.

Орбан го нарече американскиот мировен план „единствен реален излез“ од конфликтот, предупредувајќи дека Европа без Вашингтон „останува сама во војна што не може да ја добие“. Премиерот директно им порачал на европските лидери дека Брисел мора да престане да фрла милијарди евра во воени операции, нагласувајќи дека европските граѓани веќе не можат да го издржат тој товар.

Дополнително, тој ја повтори заканата дека Унгарија ќе го блокира целиот пакет помош за Украина доколку ЕУ не го промени курсот. Според Орбан, три и пол години европските пари биле истурани во „војна без шанса за победа“, а продолжување на истата политика – особено без американска поддршка – би ја турнало Унијата во „директен судир со Русија“.

Во Брисел, неговите зборови предизвикаа нови тензии и поделби. Европските функционери стравуваат дека Орбан го користи моментот на политичка слабост на Унијата за да изврши максимален притисок.

Но тој останува непоколеблив: Европа мора или да признае дека погрешила во проценките, или да се соочи со последици што може да бидат – како што самиот предупреди – „трагични“.

Унгарскиот лидер ја заокружи пораката со ставот дека неговата земја „секогаш ќе го избере мирот“, додека остатокот од Европа, како што тврди тој, „опасно се лизга кон ескалација“.

Escape