ПРВ.мк
Свет

ООН алармира: Водата станува новото „злато“ – светот оди кон опасна криза

ООН алармира: Водата станува новото „злато“ – светот оди кон опасна криза
Kristal

Светот се соочува со сериозна и забрзана криза со водните ресурси, предупредува најновиот извештај на Обединетите нации, кој укажува дека водата веќе не е само природен ресурс, туку стратешки фактор што директно влијае врз глобалната безбедност и економија.

Според податоците, големите езера изгубиле половина од својата вода од 1990-тите наваму, додека количините на подземна вода за наводнување се намалени за 40 проценти. Истовремено, во изминатите пет децении исчезнале огромни површини мочуришта, а три милијарди луѓе живеат во региони со намалени или нестабилни водни ресурси.

Експертите предупредуваат дека во иднина конфликтите сè повеќе ќе се водат за вода, а не само за територии или енергија. Бројот на вакви конфликти драстично пораснал – од 20 во 2010 година на над 400 во 2024 година. Големите реки како Нил, Еуфрат и Инд веќе се центар на геополитички тензии, каде контролата врз водата значи контрола врз енергијата, храната и влијанието.

Проекциите се уште позагрижувачки – до 2050 година, околу пет милијарди луѓе ќе живеат во области со сериозен недостиг на вода. Паралелно, глобалната побарувачка ќе порасне за речиси 50 проценти, што дополнително ќе го продлабочи јазот меѓу достапноста и потребите.

Во вакви услови, водата сè почесто се користи како политичка алатка, па дури и како средство за притисок во меѓународните односи. Истовремено, Европската Унија веќе ја третира водата како клучен ресурс преку стратегијата „Син план“, инвестирајќи во повторна употреба и одржливо управување.

И во Македонија се забележува зголемена свесност за значењето на водата, иако предизвиците остануваат сериозни – високи загуби во системите, загадување и недоволна обработка на отпадните води. Заклучокот е јасен: ресурсот постои, но иднината ќе зависи од тоа колку паметно ќе се управува со него.

SWM
Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo