НАТО ќе распореди дополнителен американски противвоздушен систем „Патриот“ во јужна Турција, во провинцијата Адана, каде што се наоѓа базата Инџирлик – една од најважните сојузнички точки во регионот. Потегот доаѓа по растечките безбедносни ризици и ракетните закани поврзани со војната со Иран.
Според турското Министерство за одбрана, новото распоредување ќе биде дополнување на веќе присутниот шпански систем „Патриот“ и е дел од поширок пакет мерки за јакнење на воздушната одбрана. Претходно, НАТО испрати уште еден „Патриот“ и во Малатја, во близина на радарска база на Алијансата, со што Турција добива дополнително засилување на јужниот и југоисточниот дел од земјата.
Турција, која се граничи со Иран и има една од најголемите армии во НАТО, во последните денови се потпира на сојузничките системи за пресретнување проектили. Анкара соопшти дека од почетокот на конфликтот биле пресретнати повеќе ракети и дека одбранбената готовност е подигната на повисоко ниво.
Во базата Инџирлик, покрај турскиот персонал, има и американски и друг сојузнички сили, што дополнително ја зголемува стратешката важност на овој потег. Новото засилување јасно покажува дека Алијансата не остава простор за ризик во регион што станува сè понапнат.


















