Грција се подготвува за значајна промена во системот за наплата на патарините, која во иднина ќе им овозможи на возачите да плаќаат само за реално изминатото растојание на автопатите.
Новиот модел, познат како систем на слободен проток на сообраќај, ќе овозможи возилата да поминуваат без запирање на наплатните рампи и без намалување на брзината. Наместо досегашните фиксни износи, патарината ќе се пресметува според бројот на изминати километри.
Според најавите на грчките власти, првиот автопат што целосно ќе работи по овој принцип ќе биде Северната патна оска на островот Крит. Проектот ќе послужи како пилот-систем, а доколку се покаже успешен, истиот модел постепено би можел да се примени и на другите големи автопатски правци во земјата, меѓу кои се Атики Одос и ПАТЕ.
Новиот систем ќе користи дигитални портали поставени над коловозот, опремени со камери за препознавање на регистарските таблички, ласерски сензори за класификација на возилата и уреди за читање електронски тагови.
Наплатата ќе се врши електронски преку кориснички сметки поврзани со тагови за патарина, а за возачите кои нема да користат такви уреди ќе бидат достапни мобилна апликација и интернет-платформа преку кои ќе можат да ја подмират обврската.
Грчките власти најавуваат и автоматска контрола на неплатените патарини. Возилата што ќе поминат без извршена уплата ќе бидат евидентирани преку регистарските таблички, по што сопствениците ќе добијат рок за плаќање. Доколку тоа не биде сторено навреме, ќе следуваат парични казни.
Ваквиот начин на наплата веќе делумно се применува на автопатот Олимпија Одос за корисниците на електронски тагови, но новиот систем на Крит ќе овозможи целосно автоматизирана наплата за сите возачи и би можел да стане нов стандард на грчките автопати во наредните години.










