Авганистан и Пакистан размениле жестока престрелка во неделата, при што во Авганистан загинала најмалку една личност, а 16 се повредени, претежно жени и деца, соопшти денеска заменик портпаролот на Кабулската талибанска администрација, Хамдулах Фитрат.
Обновувањето на судирите во пограничниот дел на двете земји се случи во момент кога во Пакистан се одржувал состанок на делегации од регионалните сили, кои разговарале за деескалација на конфликтот во Иран и на Блискиот исток, со најави дека Исламабад би можел да биде, како посредник, домаќин на преговори меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, пренесува Ројтерс.
Безбедносните официјални лица од Пакистан соопштија дека земјата одговорила само на интензивно гранатирање од Авганистан и дека не биле гаѓани цивилни локации.
Најжестоките борби меѓу Пакистан и Авганистан во последните неколку години избиле минатиот месец, со големи човечки загуби на двете страни.
Повеќе од 400 загинати во март Кабул претходно соопшти дека во март повеќе од 400 лица биле убиени во пакистански воздушен напад врз центар за рехабилитација од дрога во главниот град, пред соседните земји да ја прекинат престрелката.
Пакистан ги отфрли изјавите на талибанците за нападот врз рехабилитациониот центар, наведувајќи дека „прецизно биле таргетирани воени објекти и инфраструктура за поддршка на терористите“.
Пауза во судирите беше најавена за Рамазански Бајрам, а до обновени судири дојде вчера, неколку дена по најавите за привремени прекини на борбите.
Исламабад ги обвинува авганистанските талибанци дека крие и поддржува исламски милитанти кои изведуваат напади во Пакистан, што Кабул го негира, наведувајќи дека милитантите се внатрешен проблем на Пакистан.



















