На кинеските власти очигледно им е преку глава од инфлуенсерите на социјалните медиуми кои до вчера објавуваа упатства за шминкање или замена на чешми, а денес се претставуваат како експерти за надворешна политика, царина или медицински совети. Затоа усвоија нови правила за инфлуенсерите и креаторите на содржини на дигиталните платформи, со цел зголемување на одговорноста и професионализмот во јавниот простор.
Согласно новите правила, луѓето кои зборуваат за професионални теми на социјалните мрежи мора да имаат соодветни квалификации. Мерката директно ги засега инфлуенсерите кои се занимаваат со области како медицина, право или финансии, кои досега не мораа да докажат формално образование. Сега тие ќе мора да имаат диплома, доказ за формално образование или потврдено професионално искуство пред да почнат да споделуваат совети за чувствителни теми.
Правилата предвидуваат и казни за оние кои објавуваат содржини на професионални теми без диплома или соодветен сертификат. Одговорните интернет платформи ќе мора да ја проверуваат експертизата, а креаторите кои не ги почитуваат правилата ќе се соочат со привремено или трајно суспендирање на сметките и можни казни до 100.000 јуани (12.000 евра).
Властите велат дека целта е да се спречи ширењето дезинформации и непрофесионални совети, но аналитичарите посочуваат дека потегот може да се гледа и како обид за контрола на содржината и ограничување на независната мисла.
Овие правила се дел од пошироката регулација на интернет просторот во Кина, каде веќе се работи на потиснување на штетни публикации и зајакнување на личната одговорност за содржината споделена на мрежите. Покрај тоа, претходно годинава беа воведени правила за задолжително етикетирање на содржината генерирана од вештачка интелигенција.















