Шведскиот парламент усвои нов закон со кој се овозможува одземање на дозволите за престој на странски државјани доколку властите проценат дека не се придржуваат до правилата и обврските во земјата.
Законот е дел од пошироката стратегија на шведската влада за заострување на имиграциската политика и борба против криминалот. Покрај новите барања за идните имигранти, мерката ќе може да се применува и на лица кои веќе поседуваат дозвола за престој.
Според владините објаснувања, како основа за преиспитување на престојот може да се земат неплатени долгови, избегнување плаќање даноци, работа на црно, криминални активности или поврзаност со екстремистички организации.
Надлежните институции ќе имаат задача да ги разгледуваат поединечните случаи, а секоја одлука ќе може да биде оспорена пред миграциски суд.
Законот предизвика реакции кај опозициските партии и организациите за човекови права, кои предупредуваат дека дел од критериумите не се доволно прецизно дефинирани и оставаат простор за различни толкувања.
Од друга страна, шведската влада смета дека лицата кои не ги почитуваат законите и обврските кон државата не треба автоматски да имаат право на траен престој.
Новите правила стапуваат во сила како дел од серијата мерки со кои Шведска во последните години значително ја заострува својата миграциска политика.









