Нов случај повторно го стави во центарот на вниманието Жак Морети, сопственикот на барот „Le Constellation“ во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, каде што на почетокот на годинава се случи една од најтешките трагедии.
Морети е уапсен под сомнение дека физички ја нападнал својата сопруга Џесика Морети. Според информациите објавени од швајцарската телевизија Léman Bleu, а потврдени од јавниот сервис РТС, инцидентот се случил во текот на ноќта меѓу 11 и 12 август, во домот на брачната двојка во кантонот Вале.
По пријавениот инцидент, Жак Морети бил приведен и задржан во притвор.
Неговата сопруга Џесика претрпела повреди и поради нив била пренесена во болница, каде што добила медицинска помош.
Засега не се објавени детали за тоа што точно се случило во домот на семејството Морети, ниту е прецизирана правната квалификација на делото за кое е осомничен Жак Морети.
Швајцарските медиуми наведуваат дека тој досега немал позната историја на слични инциденти. Како и во секоја постапка од ваков вид, тој се смета за невин сè додека неговата вина не биде докажана со правосилна судска одлука.
Адвокатите: Случајот нема врска со трагедијата во барот
Правните застапници на Жак и Џесика Морети – Јаел Аја, Николас Мејет и Патрик Мишо – посочиле дека новиот случај се води како целосно одвоена постапка од истрагата за пожарот во „Le Constellation“.
Адвокатите порачаа дека станува збор за настани кои се истражуваат во рамките на посебна постапка и дека тие се однесуваат исклучиво на приватниот живот на брачната двојка.
Поради тоа, тие не сакале дополнително да ги коментираат околностите на случајот.
Воедно, адвокатите нагласиле дека наводниот инцидент не треба да се поврзува со пожарот во барот. Сепак, тие посочиле дека новиот настан се случил во период кој за семејството Морети претставува исклучително тежок период, по трагедијата од 1 јануари.
Трагедијата во Кран-Монтана однесе 41 живот
Името на Жак Морети веќе е поврзано со истрагата за катастрофалниот пожар кој на 1 јануари 2026 година го зафати барот „Le Constellation“ во Кран-Монтана.
Во трагедијата загинаа 41 лице, додека уште 115 лица беа повредени.
Пожарот предизвика огромен шок во Швајцарија и пошироко, а истрагата за одговорноста на лицата поврзани со трагичниот настан продолжува.
Жак Морети и неговата сопруга Џесика се меѓу вкупно 16 обвинети во постапката поврзана со трагедијата.
Тие се соочуваат со обвиненија кои, меѓу другото, опфаќаат убиство од небрежност, предизвикување пожар и нанесување тешки телесни повреди од невнимание.
Истрагата и судската постапка треба да утврдат дали и во кој обем обвинетите имаат одговорност за настаните кои доведоа до пожарот и огромниот број жртви.
Новиот случај се води одделно
И покрај тоа што новото обвинение дополнително го привлече вниманието кон семејството Морети, правно станува збор за одделна постапка.
Наводниот напад врз Џесика се истражува независно од случајот со пожарот во „Le Constellation“, а точните околности на инцидентот допрва треба да бидат утврдени.
Во меѓувреме, Жак Морети останува еден од главните осомничени во постапката поврзана со пожарот во кој животот го загубија 41 лице, додека новиот случај против него ќе се разгледува одделно и според сопствен тек на истрагата.





