Случајот со смртта на основачот на Mango, Исак Андич, доби неочекуван пресврт откако каталонската полиција го приведе неговиот син Џонатан Андич како дел од обновената истрага.
Џонатан бил единственото лице кое се наоѓало со својот 71-годишен татко во моментот кога модниот магнат загинал во планинската област Монсерат, во близина на Барселона.
Во времето на трагедијата, властите соопштија дека Исак Андич паднал од голема височина во близина на пештерите Салнитре во Колбат, регион познат по опасните карпи и длабоки клисури. Првичната истрага случајот го третираше како несреќен случај, а тогашните наоди укажуваа дека бизнисменот можеби се лизнал.
Судијата во јануари 2025 година го затворил случајот поради недостаток на докази за кривично дело. Но, неколку месеци подоцна, во октомври 2025 година, истрагата повторно била активирана откако истражителите од Мосос д’Есквадра откриле наводни недоследности во изјавата на Џонатан Андич.
Шпанскиот весник Ел Паис објави дека властите уште веднаш по смртта го конфискувале мобилниот телефон на Џонатан. Во извештаите се споменува и сведочењето на партнерката на Исак Андич, професионалната голферка Естефанија Кнут, која наводно говорела за повремено затегнат однос меѓу таткото и синот.
Според медиумските информации, несогласувањата биле поврзани и со управувањето на компанијата. Исак Андич во 2014 година му префрлил дел од оперативните овластувања на својот син, но по деловни проблеми во компанијата, повторно ја презел поголемата контрола врз бизнисот.
Во меѓувреме, наводно постоел и финансиски спор околу тестаментот на основачот на Mango, во кој била вклучена и неговата партнерка.
И покрај новата истрага, Џонатан Андич категорично негира каква било вмешаност во смртта на својот татко и тврди дека станува збор за трагична несреќа.
Тој ја започнал својата кариера во Mango во 2005 година, по студии во Соединети Американски Држави и Шпанија, а подоцна станал раководител на линијата „Mango Men“. Во моментот на смртта на неговиот татко бил потпретседател на одборот на директори на компанијата.
Исак Андич, кој потекнувал од сефардско еврејско семејство, е роден во Истанбул, а во 1960-тите се преселил во Барселона. Првата продавница на Mango ја отворил во 1984 година на познатата улица Пасео де Грасија, заедно со својот брат Нахман.
Во период кога Шпанија излегувала од диктатурата по смртта на Франциско Франко, брендот брзо станал симбол на модерната мода и подоцна се проширил низ целиот свет.
Денес Mango има околу 2.850 продавници на повеќе од 120 пазари и вработува над 16.000 луѓе. Според Форбс, богатството на Исак Андич во моментот на неговата смрт било проценето на околу 4,5 милијарди долари.










