Полицијата приведе косовски државјанин кој со огромна брзина возел на автопатот А1 во близина на Смоквица, каде радарот покажал дури 203 километри на час на делница каде дозволената брзина е 120 километри на час.
Како што информира Министерство за внатрешни работи, случајот бил откриен на 18 мај околу 22:18 часот при редовна сообраќајна контрола што ја спроведувале полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Гевгелија.
Според полицијата, зад воланот на патничко возило „Ауди А6“ со косовски регистарски таблички бил 30-годишниот Б.Т. од Косово.
Откако било утврдено дека вози со брзина значително над дозволената, возачот веднаш бил исклучен од сообраќај и лишен од слобода.
За случајот бил известен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Гевгелија, а против возачот е поднесена кривична пријава за „безобѕирно управување со моторно возило“ согласно член 297-а од Кривичниот законик.
Од МВР посочуваат дека продолжуваат засилените контроли на автопатиштата и апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила, бидејќи преголемата брзина е една од најчестите причини за тешки сообраќајни несреќи.








