Јеменското движење Хути, сојузник на Иран, ја прошири контролата долж јеменскиот брег на Црвеното Море и, според информациите, го презеде и островот Мајун, познат како Перим, во стратешкиот теснец Баб ел Мандеб.
По повлекувањето на владините сили од Мока, Хутите при напредувањето кон југ наишле на слаб отпор и прво ги презеле Дубаб и Мурад, последниот крајбрежен град што бил под контрола на јеменската влада. Потоа го зазеле и клучниот град Мока, со што воспоставиле контрола врз целото крајбрежје на Црвеното Море, според информациите на „Ал Џезира“.
Хутите потоа излегле и на море, преземајќи го островот Перим, кој се наоѓа во теснецот Баб ел Мандеб, меѓу Црвеното Море и Аденскиот Залив. Од таму, според информациите, нивното напредување продолжило кон островот Зукар, каде што борбите сè уште траат.
Перим се наоѓа на најтесниот дел од Баб ел Мандеб и го дели теснецот на два поморски премини. Токму поради тоа, контролата врз островот има големо стратешко значење за бродовите што влегуваат во Црвеното Море или излегуваат од него.
Саудиските вооружени сили извршиле и два воздушни напади врз аеродромот во Мока, објави каналот „Ал Масира“, близок до Хутите.
Перим е мало, претежно пусто островче со песок и карпи, но неговата географска положба го прави исклучително важно. Се наоѓа во Баб ел Мандеб, една од најзначајните поморски тесни точки во светот, а Рогот на Африка на најтесниот дел е оддалечен околу 19 километри од Арапскиот Полуостров.
Островот низ историјата имал големо стратешко значење. Во минатото бил користен и како станица за снабдување со јаглен на бродовите на Британската империја кои пловеле кон Индија.
Во услови на поширокиот конфликт на Блискиот Исток и нарушувањата на поморскиот сообраќај, значењето на Баб ел Мандеб дополнително порасна. Саудиска Арабија го пренасочила извозот на нафта од Ормускиот Теснец кон Црвеното Море со цел да се одржи непреченото снабдување со енергенси и да се спречи дополнителен раст на цените.
Хутите, кои се сметаат за еден од најмоќните регионални сојузници на Иран, со контролата врз Перим добиваат можност да влијаат врз еден од клучните поморски премини што го поврзуваат Црвеното Море со пошироките светски трговски рути.








