Нигериската армија објави дека 19 вооружени членови на криминална банда биле убиени во жесток вооружен судир во федералната држава Кано, во северниот дел на земјата.
Портпаролот на армијата, Бабатунде Зубаиру, потврди дека во акцијата загинале и двајца војници, како и еден локален волонтер, кој им помагал на безбедносните сили за време на операцијата, пренесуваат британските медиуми.
Судирите избувнале во областа Шенон, каде што војниците, поддржани од други безбедносни агенции, спровеле рација во скривалиште на бандити кои со месеци ја тероризирале локалната заедница.
Оваа акција е дел од широката воена офанзива на нигериската влада насочена кон сузбивање на растечкото насилство и криминалот во северниот дел на земјата – регион кој со години се соочува со напади, убиства и масовни киднапирања изведувани од организирани вооружени групи.















