Воведувањето на Шенген системот за влез и излез (EES) предизвика сериозни нарушувања на работата на европските аеродроми, особено во периоди на зголемен патнички сообраќај. Од 12 октомври 2025 година, кога започна неговата примена, патниците во повеќе европски држави се соочуваат со долги редици, чекања кои достигнуваат и до три часа и значително влошено искуство при патување.
Европскиот оддел на Меѓународниот совет на аеродроми (ACI EUROPE) јавно алармира дека имплементацијата на системот се одвива со сериозни оперативни проблеми. Организацијата ги повика Европската комисија, eu-LISA, Фронтекс и земјите членки на Шенген зоната итно да преземат мерки за стабилизирање на системот или, пак, да овозможат поголема флексибилност во неговата примена сè додека не биде целосно функционален на сите аеродроми.
Според аеродромските служби, моменталната состојба е особено загрижувачка затоа што системот сè уште не е стабилен, а веќе се најавува зголемување на прагот за регистрација на патници од трети земји. Во моментов, овој праг изнесува 10%, но според календарот за имплементација на EES, од 9 јануари треба да се зголеми на 35%. Доколку тоа се случи без претходно решавање на постојните проблеми, се предупредува дека хаосот на аеродромите ќе биде уште поголем, а довербата на патниците сериозно ќе се наруши.
Од ACI посочуваат дека постепеното зголемување на регистрацијата и снимањето на биометриски податоци од државјани на трети земји кои влегуваат во Шенген зоната значително го продолжува времето за гранична контрола. Во најфреквентните периоди, времето за обработка се зголемува и до 70%, што резултира со чекања и до три часа, особено на поголемите и пооптоварени аеродроми.
Најпогодени, според податоците на Меѓународниот совет на аеродроми, се аеродромите во Франција, Германија, Грција, Исланд, Италија, Португалија и Шпанија. Од таму нагласуваат дека ваквата состојба сериозно го нарушува искуството на патниците и создава дополнителен притисок врз аеродромските и безбедносните служби.
И по два месеца од официјалното воведување на системот, проблемите не се надминати. Се бележат прекини во функционирањето на EES, тешкотии во неговата конфигурација, како и недостапност на автоматските гранични контролни порти (ABC) за обработка на податоците на многу аеродроми. Дополнително, недостигот од доволен број киосци за земање биометриски податоци и недоволниот број полициски службеници уште повеќе ја усложнуваат ситуацијата.
Генералниот директор на ACI EUROPE, Оливие Јанковец, предупредува дека веќе е нанесена значителна непријатност на патниците и дека аеродромските операции се сериозно погодени дури и со сегашниот праг на регистрација од 10%. Тој истакнува дека доколку сите идентификувани оперативни проблеми не бидат целосно решени во наредните недели, зголемувањето на прагот на 35% од 9 јануари неизбежно ќе доведе до уште поголеми застои, системски нарушувања и потенцијални безбедносни ризици за аеродромите и авиокомпаниите.
ACI EUROPE, како европски регион на Меѓународниот совет на аеродроми, претставува повеќе од 600 аеродроми во 55 земји и опфаќа над 95% од комерцијалниот воздушен сообраќај во Европа. Токму затоа нивните предупредувања се сметаат за сериозен сигнал дека без итна интервенција, состојбата на европските аеродроми може дополнително да ескалира.














