Несекојдневен случај од рускиот град Благовешченск ја шокираше јавноста – крадец влегол во стан, го ограбил и потоа заспал во него. Сцената ја открила самата сопственичка, која по завршување на ноќната смена се вратила дома и затекнала непознат маж како спие среде ограбениот стан, соопшти Министерството за внатрешни работи на Амурската област.
Според полицискиот извештај, крадецот се вовлекол низ прозорецот во текот на ноќта, добро знаејќи дека во домот нема никој. Тој внимателно спакувал телевизор и моторна пила во торби, подготвувајќи се да избега. Но, сметајќи дека сопственичката нема брзо да се врати, решил накратко да одмори – и заспал длабоко. Токму така го затекнала домаќинката кога влегла во својот дом и веднаш повикала полиција.
Полицијата го привела осомничениот, за кого се дознало дека се работи за 45-годишен локален жител со криминално досие поради кражба и трговија со дрога. Против него е покрената кривична постапка за обид за кражба со провала, дело што според рускиот закон се казнува со затвор до шест години.
Како превентивна мерка, крадецот добил писмена обврска да не го напушта местото на живеење и да се однесува соодветно додека трае истрагата.Случајот предизвика лавина реакции во руската јавност, која не може да поверува дека ограбувачот, наместо да побегне – легнал и се успал на местото на злосторството.















