Речиси три недели откако на аеродромот Лајпциг/Хале беше пронајден дрон со експлозив, германските истражители продолжуваат да ги утврдуваат деталите за случајот кој можел да заврши со сериозен напад.
Според досегашната истрага, дронот требало да биде употребен за напад врз украински товарен авион „Антонов“, кој се користел за транспорт на воена опрема. Нападот, сепак, не успеал бидејќи детонаторот на експлозивната направа најверојатно бил неисправен, пренесува „Дојче веле“.
Германската Федерална криминалистичка полиција (BKA), по налог на сојузниот јавен обвинител Јенс Ромел, истражува како бил подготвен нападот и кој стои зад него.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц во вторникот, пред почетокот на владината седница, испрати остра порака до одговорните.
„Оние што стојат зад оваа саботажа ќе платат за својот чин.“
Мерц најавил дека германската влада дополнително ќе објави повеќе детали за случајот.
Не бил само еден дрон
Според информации на германските медиуми NDR, WDR и „Süddeutsche Zeitung“, истражителите се сомневаат дека во операцијата биле употребени повеќе дронови.
Првиот дрон бил пронајден во близина на аеродромот Лајпциг/Хале, додека втор дрон, според досегашните сознанија, можеби се судрил со авион на логистичката компанија DHL.
Истрагата продолжува со цел да се утврди кој ја организирал операцијата и дали зад неа стои поширока мрежа.







