Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху откри дека се лекувал од рак на простата, објавувајќи информации од својот годишен лекарски преглед. Ова е првпат тој јавно да потврди дека му била дијагностицирана малигна болест, што веднаш привлече големо внимание во јавноста и медиумите.
Според објавените податоци, Нетанјаху (76) во декември 2024 година бил подложен на операција поради зголемена простата. При последните медицински испитувања, лекарите откриле мал малиген тумор, помал од еден сантиметар.
Од неговиот кабинет биле објавени и официјални медицински писма од лекарите, во кои се наведува дека станува збор за рано откриена и ограничена лезија, без знаци на ширење или метастази, што било потврдено со дополнителни тестови.
Според информации од извори запознаени со случајот, дијагнозата била поставена пред неколку месеци, по што Нетанјаху започнал со таргетирана радиотерапија. Третманот, како што се наведува, е успешно завршен.
Во својата изјава, премиерот порача дека сега е во добра здравствена состојба и дека проблемот е целосно решен, нагласувајќи дека станувало збор за локализиран медицински проблем.
Тој исто така објасни дека објавувањето на информацијата било одложено, како што рече, за да не се злоупотреби ситуацијата за политички или пропагандни цели.










