„Нестле“ (Nestlé SA) го отстрани главниот извршен директор Лоран Фрекс по само една година на функцијата, откако внатрешна истрага открила дека тој имал тајна романтична врска со вработена од неговиот тим. Според компанијата, со ова Фрекс го прекршил интерниот кодекс на однесување, што е спротивно на долгогодишните корпоративни вредности на „Нестле“.
На негово место веднаш е назначен Филип Навратил, досегашен раководител на брендот за кафе „Неспресо“ (Nespresso).
Според соопштението од „Нестле“, одлуката била донесена по комплетна истрага спроведена од внатрешниот тим и независни надворешни советници, а целиот процес бил надгледуван од претседателот на управниот одбор, Пол Булке, и водечкиот независен директор Пабло Исла.
„Ова беше неопходна одлука,“ изјави Булке. „Вредностите и управувањето на ‘Нестле’ се темел на нашата компанија. Му се заблагодаруваме на Лоран за неговите години служба.“
Фрекс нема да добие испратнина, потврди портпарол на компанијата. Истрагата била покрената преку интерниот систем „Speak Up“, а по првичната проверка која не дала доволно докази, биле поднесени нови сомнежи кои довеле до целосна ревизија и конечно до негова смена.
Фрекс беше назначен на чело на компанијата по ненадејното заминување на поранешниот директор Марк Шнајдер, кој беше отстранет поради слаби деловни резултати. Со преземањето на функцијата, Фрекс се очекуваше да ја стабилизира компанијата и да го врати фокусот на традиционалните вредности, но неговиот краток мандат беше обележан со пад од 17% на акциите на „Нестле“, додека конкуренцијата како „Јунилевр“ имаше значително помал пад.
Како дел од неговите напори, Фрекс вложи во маркетинг, ревидирање на слаби брендови и формирање самостојна единица за водите. Но сето тоа не беше доволно да се врати довербата кај инвеститорите.
Ова е уште еден случај во низата разрешувања на врвни менаџери во глобални корпорации поради љубовни врски на работното место. Слични примери се разрешувањата на извршните директори на „Мекдоналдс“ (2019) и „Колс“ (2025).
Филип Навратил, новиот извршен директор, е со повеќе од 20 години искуство во „Нестле“. Тој водеше значајни брендови како „Нескафе“ и разви партнерства со компании како „Старбакс“. Во првото обраќање, изјави дека ја прифаќа стратешката насока на компанијата и ќе се фокусира на зајакнување на долгорочниот раст.
Според аналитичарите, Навратил би можел да има значаен и долгорочен мандат, и да иницира нови реструктурирања – особено во сектори со послаб раст, како житарките и водата.
„Нестле“ истовремено се соочува со предизвици и од глобалните трговски тензии, вклучувајќи ги тарифите на САД. Еден од најпогодените сегменти е производството на „Неспресо“ капсули во Швајцарија, кои сега подлежат на 39% увозна тарифа во Америка.