Планираната прес-конференција меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по нивната средба во Белата куќа беше неочекувано откажана.
Официјален претставник на Белата куќа најави откажување без да наведе причина. На некои новинари, сепак, им беше дозволено да присуствуваат на почетокот на состанокот во Овалната соба, јавуваат неколку дописници.
Нетанјаху пристигна во Вашингтон на разговори поради војната во Појасот Газа и прекинот на огнот, како и одлуката на Трамп да воведе царини од минимум 10 отсто на американскиот увоз.
Трамп претходно беше домаќин на Нетанјаху на почетокот од февруари, со што израелскиот премиер стана првиот странски гостин во неговиот втор мандат. Во понеделникот американскиот претседател го пречека Нетанјаху ракувајќи се него пред Белата куќа во присуство на медиумите.
Пред состанокот, Нетанјаху рече дека има намера да разговара за новиот американски царински пакет, напорите да се обезбеди ослободување на заложниците на Хамас во Појасот Газа и заканата што ја претставува Иран.
Дополнителните царини од 17 отсто за израелските производи кои доаѓаат во САД треба да стапат на сила во среда. Според The Wall Street Journal, Израел извезува стоки во вредност од 22 милијарди долари годишно во САД.