Цените на какаото и кафето остро паднаа на светските берзи, бидејќи трговците беа потресени од бранот американски царини, што ја подгрева загриженоста за побарувачката.
Американскиот претседател Доналд Трамп во средата го прогласи „Денот на ослободувањето“ со објавување на царини од 10 отсто за увозот од земјите ширум светот. Вашингтон, исто така, планира дополнителни „реципрочни“ царини, нагласувајќи го дефицитот во трговијата со бројните трговски партнери.
Бранот царини ги потресе и светските пазари на стоки. Така, цената на какаото падна во понеделникот во терминските (фјучерс) договори на лондонската берза за 3,1 отсто во споредба со затворањето на трговијата на крајот од минатата седмица, на 6.171 фунти за тон (7.907 долари).
Американските потрошувачи консумираат најмногу чоколадо во светот, а САД се исто така најголемиот светски увозник на преработени производи од какаото, како што е путерот од какао. Вакви производи на американскиот пазар пристигнуваат од Европската унија, Малезија и Индонезија, кои сега ќе плаќаат царини од 20, 24, односно 32 отсто.
Царините би можеле да ја намалат побарувачката на чоколадо во САД, но трговците забележуваат дека падот на цените на какаото донекаде ги ограничува стравувањата од можно намалување на понудата. Во главната земјоделска сезона, која трае од 1 април до 30 септември, најголемиот светски производител, Брегот на слоновата коска, се очекува да ја забележи својата најлоша жетва во последните десет години.
Паднаа и цените на кафето, па со фјучерсите на сортата Арабика на ICE пазарот во петокот попладнето се тргуваше по цена од 3,7395 долари за фунта (околу 0,45 килограми), за три отсто пониска отколку на затворањето на тргувањето во четвртокот.
Арабиката падна за 0,6 отсто во понеделникот во споредба со затворањето на пазарот во петокот, на 3,6335 долари за фунта. Накратко се намали на само 3.555 долари. Во петокот падна за околу три отсто.
Цената на робуста беше намалена за три отсто во понеделникот попладне и изнесуваше 4.972 долари за тон.
„По ‘ослободувањето’, бројните пратки на производители на кои САД им воведоа највисоки царини ќе влезат во лавиринтот во потрага по побарувачка во други земји“, објаснуваат во извештајот аналитичарите на холандската банка „Rabobank“. Оваа нова побарувачка ќе вклучува „трошок за ефикасноста“, додаваат тие.
САД не наплаќаа царини за увозот на кафето од XVIII век, а давачките ќе ги зголемат трошоците и дополнително ќе го отежнат работењето на американските увозници и пржилници кои веќе се борат со екстремно високите цени на кафето, посочуваат трговците.
Од ноември 2024 година до март оваа година, цените на Арабика во фјучерс договорите на берзата ICE се зголемија за дури 70 отсто поради лошата жетва во Бразил и другите големи производни региони.
Најголем светски производител на сортата Робуста е Виетнам, кој е на третото место во рангирањето на добавувачи на кафе за американскиот пазар. САД се најголемиот потрошувач на кафе во светот.