Европската унија им понуди на Соединетите Американски Држави обострано укинување на царинските стапки за индустриски производи, изјави претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен.
“Подготвени сме да преговараме со Соединетите Држави, понудивме нулта царини за индустриските производи, како што успешно направивме со многу други трговски партнери”, рече фон дер Лајен по состанокот со претставниците на индустријата за челик и метали.
Во исто време, Комисијата е подготвена да одговори со контрамерки.
“Европа секогаш е подготвена за добар договор, па затоа ова го оставаме на маса. Но, подготвени сме да одговориме со контрамерки и да ги браниме нашите интереси”, додаде претседателката на Комисијата.
Американската администрација воведе царини од 25% на увозот на алуминиум и челик во САД од целиот свет, кои стапија на сила на 12 март.
Од 3 април, исто така, на сила се царини од 25% на сите автомобили и делови од автомобили кои не се произведуваат во САД.