Метеор тежок околу седум тони прелета над делови од САД и се распадна во атмосферата, предизвикувајќи силен звук налик на експлозија што вознемири илјадници жители. Настанот се случил во вторникот над подрачјето на Кливленд, а многумина помислиле дека во близина се случила вистинска детонација.
Според Американското метеорско друштво, бучавата и светлосниот феномен биле забележани на огромна територија – од Висконсин до Мериленд, на растојание поголемо од 1.000 километри. На почетокот, експертите претпоставувале дека станува збор за многу помал објект, со големина најмногу колку тениско или кошаркарско топче, но подоцнежните анализи покажале сосема поинаква слика.
НАСА соопшти дека телото имало дијаметар од околу 1,83 метри и дека се движело со брзина од 72.420 километри на час. Првпат било забележано на височина од околу 80 километри над езерото Ири, по што минало повеќе од 55 километри низ горната атмосфера пред да се распадне над Вали Сити, во сојузната држава Охајо.
При распаѓањето, метеорот ослободил енергија споредлива со 250 тони ТНТ, што го објаснува силниот ударен бран што го почувствувале и метеоролозите во Кливленд. Иако се претпоставува дека е можно да има мали остатоци, засега нема официјални извештаи за пронајдени фрагменти.
Научниците велат дека вакви појави не се толку ретки како што изгледаат. Според нив, метеорити погодуваат делови од САД речиси секојдневно, додека помали честички од вселената навлегуваат во атмосферата многу почесто.


















