Русија остро се огласи по американско-израелскиот напад врз Иран, оценувајќи дека станува збор за однапред испланиран и неиспровоциран чин на вооружена агресија против суверена држава. Според реакцијата на руското Министерство за надворешни работи, обемот на воените подготовки и претходното распоредување американски сили во регионот, според Москва, не оставаат простор за сомнеж дека нападот бил однапред подготвен.
Во руската реакција се наведува дека со ваквиот потег се прекршуваат основните принципи на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации. Москва дополнително оцени дека израелските и американските удари ја туркаат целата блискоисточна криза во уште подлабока и поопасна фаза, со можни тешки последици за безбедноста во регионот.
Од друга страна, израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека Израел започнал „превентивен напад“ врз Иран со цел, како што рече, да ги отстрани заканите по безбедноста на државата. По нападот, во Израел беше прогласена вонредна состојба, а следуваа и одмазднички ирански удари.
Руската реакција покажува колку конфликтот добива поширока геополитичка тежина, особено ако се има предвид блиското партнерство меѓу Москва и Техеран. Во меѓувреме, Русија веќе презеде и практични мерки, вклучително и суспензија на летовите кон Иран и Израел поради ескалацијата.


















