Шокантен случај ја потресе северна Калифорнија, откако истражителите во засолниште за животни кое се претставувало како место каде животните не се усмртуваат, пронашле тела на 117 кучиња во различна фаза на распаѓање. Кај голем број од нив биле забележани прострелни рани, што дополнително ја продлабочило истрагата.
Станува збор за засолништето „Мирандас Рескју Енимал Санкчуари“ во градот Фортуна, за кое Канцеларијата на шерифот на округот Хумболт соопшти дека е предмет на обемна истрага поради сомнежи за измама и злоупотреба на животни.
Истрагата била отворена откако надлежните добиле информации дека од засолништето исчезнале стотици животни, што предизвикало сериозен сомнеж во начинот на неговото работење.
Според податоците на истражителите, од почетокот на 2025 година во засолништето биле примени околу 900 животни. Во истиот период биле евидентирани само 116 вдомувања, додека судбината на повеќе од 700 животни не можела да биде утврдена.
При претресот на имотот биле пронајдени околу 600 огрлици за кучиња, 21 кучешки череп, како и стотици други коски, што дополнително ги засилило сомнежите дека на локацијата се случувале незаконски активности.
Форензичките испитувања покажале дека рендгенските снимки направени на 70 од пронајдените тела откриле фрагменти од куршуми. Првичните анализи укажуваат дека голем број од кучињата биле усмртени со огнено оружје.
Истражителите соопштија дека на имотот откриле и штала за која постои сомневање дека била користена за убивање на животните, а токму овој дел од истрагата сега е еден од клучните.
Сопственикот на засолништето, Шенон Миранда, ги негира обвинувањата. Тој тврди дека евтаназија била применувана исклучиво во исклучителни ситуации, кога животните биле тешко болни или претставувале опасност.
И покрај сериозните наоди, засега против сопственикот не е поднесено обвинение. Надлежните институции продолжуваат со истрагата за целосно утврдување на околностите, како и за судбината на стотиците животни кои сè уште се водат како исчезнати.









