ПРВ.мк
Свет

Моќен еквадорски нарко-бос со врски на Балканот екстрадиран во САД

Моќен еквадорски нарко-бос со врски на Балканот екстрадиран во САД
Escape

Адолфо Масијас Виљамар, познат како Фито, водач на еквадорската криминална група Лос Чонерос, е екстрадиран во Соединетите Американски Држави, каде што ќе одговара за сериозни обвиненија поврзани со трговија со дрога и оружје. Масијас беше уапсен повторно во јуни, речиси една година откако успеа да избега од затвор со максимална безбедност, каде што отслужуваше 34-годишна казна за низа кривични дела.

Неговиот адвокат изјави за Ројтерс дека Фито ќе се појави пред федералниот суд во САД и ќе се изјасни за невин по обвиненијата за меѓународен шверц на дрога и оружје.

Масијас е исто така осомничен дека наредил убиство на претседателски кандидат во 2023 година. Тој е лидер на групата Лос Чонерос, која има поврзаност со моќни криминални организации од Мексико и Балканот. Бандата е обвинета дека ја претворила Еквадор од туристичка дестинација во земја со една од највисоките стапки на убиства во регионот.

Денес, преку 70% од светската кокаинска трговија поминува низ еквадорските пристаништа, бидејќи земјата се наоѓа меѓу најголемите производители на кокаин — Колумбија и Перу. Во јуни, полицијата го пронајде Масијас во подземен бункер под луксузна вила во Манта.

По апсењето, тој беше префрлен во затворот Ла Рока, објект со максимална безбедност. Еквадорскиот претседател Даниел Нобоа го пофали апсењето и најави дека Масијас ќе биде екстрадиран во САД. Затворската администрација потврди дека тој бил изнесен од затворот и предаден на американските власти.

Адвокатот на Масијас рече дека нивниот клиент ќе се изјасни за невин пред федералниот суд во Бруклин, по што ќе биде префрлен во друг затвор, сè уште неименуван.

Граѓаните на Еквадор на референдум ја одобрија екстрадицијата на своите граѓани, како дел од напорите на претседателот Нобоа да се бори против растечкиот криминал. Во март, Нобоа изјави дека сака војската на САД, Европа и Бразил да му помогнат во борбата против криминалните банди во земјата.

Mia Home Mavrovo