Еден од најневеројатните случаи на финансиска измама во Европа деновиве ја потресе Германија, откако беше откриено дека брачен пар со години успевал незабележано да извлекува пари од паркинг автомати низ Баварија и да присвои речиси два милиони евра.
Според обвинителството, измамата траела речиси десет години, а за тоа време никој не забележал дека огромни суми пари исчезнуваат од автоматите без трага и без да биде активиран каков било аларм или контрола.
Судењето против 40-годишниот маж и неговата 39-годишна сопруга започнало оваа недела, а уште на почетокот на процесот двајцата ја признале вината пред судот.
Обвинителството ги товари за организирана и професионална кражба, дело за кое според германскиот закон може да добијат казна и до десет години затвор.
Според истрагата, мажот работел во градот Кемптен и бил задолжен за празнење на паркинг автоматите, што му овозможило директен пристап до готовината. Тој пред судот признал дека на почетокот земал мали количини монети кои ги криел во пластични кеси и ги носел дома, но со текот на времето кражбата станувала сè поголема.
– На почетокот беа само неколку монети, а подоцна цели касети со пари. Сумите брзо растеа – изјавил обвинетиот, додавајќи дека денес жали за своите постапки.
Истражителите откриле дека украдените пари подоцна биле уплаќани на приватни сметки, а дел од нив биле користени за купување ваучери и бонови во продавници. За да избегнат сомнежи поради големите количини ситни пари, брачниот пар користел и познаници кои во нивно име ги уплаќале монетите во банки.
Мажот тврди дека неговата сопруга уште од самиот почеток знаела за кражбите, па дури и го охрабрувала да продолжи. Од друга страна, таа признава дека учествувала во измамата, но негира дека го наговарала сопругот. Според неа, во првите две години не знаела од каде доаѓале парите.
Сепак, обвинителството тврди дека таа активно се интересирала во банки дали големи количини монети можат да предизвикаат сомнеж и дека и самата вклучувала други луѓе во процесот на уплата на парите.
Дополнителен шок во случајот предизвикале и тврдењата за сериозни безбедносни пропусти во комуналното претпријатие. Дел од вработените изјавиле дека имале пристап само до касетите со пари и дека отворањето на празните касети било строго контролирано.
Но, обвинетиот тврди дека системот бил хаотичен и слабо обезбеден.
– Секој можел да дојде до клучевите во секое време. Никој немаше точна евиденција колку клучеви постојат – рекол тој пред судот.
Истражителите сега се обидуваат целосно да утврдат како кражбата успеала да трае толку долго без никој да ја открие, а случајот веќе се смета за една од најголемите и најнеобични измами поврзани со паркинг системи во Германија.






