ПРВ.мк
Свет

Луксузно крстарење се претвори во кошмар: Смртоносен вирус коси патници на брод – лекар предупредува на „пеколна изолација“ среде океанот!

Луксузно крстарење се претвори во кошмар: Смртоносен вирус коси патници на брод – лекар предупредува на „пеколна изолација“ среде океанот!

Луксузното крстарење преку Атлантикот се претворило во вистинска драма за повеќе од 200 луѓе на бродот „MV Hondius“, откако меѓу патниците се појавил опасен хантавирус кој веќе однел неколку животи. Додека Светската здравствена организација внимателно ја следи состојбата, лекарите предупредуваат дека патниците би можеле да останат целосно изолирани на море со недели.

Според информациите што ги пренесуваат странските медиуми, на бродот досега се потврдени седум случаи на зараза. Тројца патници починале, едно лице се наоѓа во критична состојба, додека кај уште тројца се забележани полесни симптоми.

Бродот, кој испловил од Аргентина и се движел кон Канарските Острови, во моментов е под строги мерки, а ниту патниците ниту членовите на екипажот немаат дозвола да се симнат на копно.

Бродскиот лекар Себастијан Борович-Сконјечни, кој има долгогодишно искуство со работа на прекуокеански крстосувачи, предупредува дека ситуацијата е исклучително сериозна.

– Луѓето на бродот може да останат изолирани и до два месеца, сè додека не помине инкубацискиот период на вирусот. Кај хантавирусот тој период може да трае од една до дури осум недели – изјавил тој за полскиот портал „Медонет“.

Според него, во вакви ситуации патниците најчесто се затвораат во своите кабини, а на одредени делови од бродот се воведуваат дополнителни безбедносни мерки и строга контрола на движењето. Сите лица на бродот редовно се тестираат и се следат симптомите, слично на процедурите што се применуваа за време на пандемијата со коронавирусот.

Дополнителен страв предизвикува фактот што станува збор за вирус со висока смртност. Според инфектолозите, одредени видови хантавирус можат да предизвикаат тешка форма на болест со смртност од 35 до 40 проценти.

Инфектологот Каролина Пижјак-Ковалска објаснува дека конкретниот тип вирус, познат како „Андес“, е особено опасен бидејќи постојат докази дека може да се пренесува и од човек на човек, што е ретка појава кај хантавирусите.

– Болеста најчесто започнува со симптоми слични на грип – температура, болки во мускулите и стомачни проблеми. Но, потоа состојбата може нагло да се влоши и да дојде до белодробен едем, респираторен колапс и шок. За жал, засега не постои специфичен лек – предупредува докторката.

Драмата на бродот дополнително ја потресе јавноста откако беше објавено дека првата жртва бил 70-годишен патник од Холандија, кој починал на самиот брод. Неговото тело било пренесено на островот Света Елена.

Трагедијата станала уште поголема кога неговата 69-годишна сопруга, која била евакуирана во Јужноафриканската Република, колабирала на аеродром и подоцна починала во болница во Јоханесбург. Во истата болница животот го загубил и трет холандски државјанин.

Поради сериозноста на ситуацијата, неколку заразени лица биле итно евакуирани со медицински опремени летала. Според британски медиуми, британски и холандски член на екипажот со респираторни симптоми биле префрлени преку Зеленортските Острови, а потоа транспортирани на лекување во Холандија.

Светската здравствена организација внимателно ја следи состојбата на бродот, додека патниците, според сведоштва објавени во странските медиуми, живеат во неизвесност и страв, надевајќи се дека драмата што го зафати луксузниот крстосувач наскоро ќе заврши.

Најнови вести