Француската метеоролошка служба Météo-France предупредува дека од 6 јули Европа повторно ќе биде зафатена од силен топлотен бран, кој ќе ги погоди Западна, Централна Европа и Балканот.
Според прогнозите, нов продор на многу топол воздух од Сахара ќе донесе екстремно високи температури, а најголем интензитет се очекува околу 14 јули. Метеоролозите оценуваат дека ова би можел да биде трет значаен топлотен бран што ќе ја погоди Франција оваа година.
Сличен развој на временските услови се очекува и на Балканот, каде што за време на претходниот бран температурите достигнуваа и до 38 степени. Поради најавените горештини, Светската здравствена организација за Европа закажа состанок со националните служби за итни состојби и климатски промени.
Податоците покажуваат дека јунскиот топлотен бран имал сериозни последици низ Европа. Во Шпанија биле регистрирани над 1.000 смртни случаи поврзани со високите температури, сличен број е пријавен и во Франција, додека во Германија се евидентирани повеќе од 800 смртни случаи.
Стручњаците предупредуваат дека Европа останува особено ранлива на екстремни горештини, бидејќи само околу 20 проценти од домаќинствата располагаат со климатизација, а континентот се загрева побрзо од глобалниот просек.
За Македонија, анализите укажуваат дека летото ќе биде потопло од вообичаеното, со чести топлотни бранови и зголемен ризик од пожари, суши и дополнително оптоварување на електроенергетскиот систем поради зголемената употреба на климатизери.







