Мексико го тужи интернет гигантот „Google“ поради промената од Мексикански залив во „Американски залив“ на неговата услуга Maps, изјави во петокот мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум.
Претседателката го објави ова за време на нејзината редовна дневна прес-конференција, но не сподели многу детали за тужбата. Од „Gooogle“ сè уште не го коментираа случајот.
Во февруари „Google“ го промени името на Мексиканскиот залив во „Американски залив“ за американските корисници на својата услуга „Maps“ откако американската влада еднострано ја преименуваше оваа водна област.
Корисниците надвор од САД можат да ги видат и двата назива.

Американскиот претседател Доналд Трамп нареди преименување на заливот на јужниот брег на САД и источниот брег на Мексико во чест на „американската величина“ кратко време по преземањето на функцијата.
Сегашното име за заливот на јужниот брег на САД се користи уште од XVI век.
Американските сојузни држави Тексас, Луизијана, Мисисипи, Алабама и Флорида, како и Мексико и Куба, имаат пристап до Заливот. Според наредбата на Трамп, промената на името се однесува на областа до поморските граници на Мексико и Куба.